Она што се очекуваше доби и потврда, а тоа е дека една од главните ѕвезди во тимот на Реал Мадрид, Џуд Белингем, официјално ќе отсуствува од терените во следните три до четири недели и нема да настапи на натпреварите од нокаут-фазата во Лигата на шампионите против РБ Лајпциг, во чии редови настапува и нашиот Ељиф Елмас.
Англискиот репрезентативец заработи повреда на натпреварот со Џирона и беше јасно дека го очекува пауза, но навивачите се надеваа дека таа нема да биде предолга, сепак, Белингем ќе мора да паузира три до четири недели.
Карло Анчелоти ќе мора да најде решение за да го замени Белингем иако тоа нема да биде лесно, ако се знае во која форма играше овој фудбалер.
Џуд Белингем игра неверојатна сезона во дресот на Реал Мадрид и досега постигна дваесет гола и четири асистенции во сите натпреварувања.