Дефанзивецот Давид Алаба и официјално е нов играч Реал Мадрид. Тој го напушта Баерн (Минхен) бидејќи му истекува договорот и пристигнува во шпанскиот гигант како слободен агент. Веста официјално ја објави шпанскиот гигант.
28-годишниот австриски репрезентативец потпиша 5-годишен договор со својот нов клуб. Тој ќе добие 12 милиони евра по сезона на „Сантијаго Бернабеу“. Реал го објави трансферот денес, но додаде дека играчот ќе биде официјално претставен по завршувањето на Европското првенство. Тој одби голем број понуди за да стане играч на Реал Мадрид. Интерес за него имаше од Ливерпул, Манчестер Сити, Јувентус, Интер и ПСЖ.
Алаба пристигна во Баерн (Минхен) во 2008 година и помина низ младинската школа на клубот пред да одигра над 430 натпревари за Баварците. Има освоено 10 шампионски титули, шест куп трофеи во Германија и двапати Лига на шампиони.

