Раководството на Реал Мадрид е заинтересирано за напаѓачот на Арсенал Пјер-Емерик Обамејанг, пренесува „Франс Фудбал“.
30-годишниот Габонец има договор со лондончаните до следното лето, но сè уште го нема обновено неговиот договор, што доведува до шпекулации дека може да го напушти „Емирати“. Обамејанг е еден од најскапите играчи на Арсенал, а управата на клубот има некои финансиски тешкотии кои се продлабочија како резултат на пандемијата на коронавирусот. Реал Мадрид во потрага по класичен напаѓач за да му биде партнер на 32-годишниот Карим Бензема во шпицот на нападот.
Обамејанг, кој досега има 20 гола на 32 настапи за Арсенал во сезоната, може да игра успешно и на крило, со тоа што со Бензема може да формираат добар тандем, посочува францускиот медиум. Реал Мадрид е подготвен да плати околу 40 милиони фунти за Обамејанг, а Арсенал го проценува играчот на 60 милиони фунти. Опција за договорот со Обамејанг е вклучувањето на српскиот напаѓач Лука Јовиќ, кој не успеа да се етаблира на „Сантијаго Бернабеу“ по неговиот трансфер од Ајнтрахт Франкфурт минатото лето.