Реал Мадрид го пречекува Манчестер Сити во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу двата тима исполнет со многу ѕвезди. Повеќето стручњаци се децидни дека ова е своевидно финале пред финалето и победникот од оваа пресметка ќе биде големиот фаворит во финалниот меч во Истанбул, без разлика со кој од гигантите од Милано ќе се соочат.
Средбата ќе биде интересен меч меѓу двајца големи фудбалски стручњаци како што се Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола, кои го држат рекордот по бројот на полуфиналиња во Лигата на шампионите – со 9, односно 10. Шпанецот продолжува да го остварува својот голем сон, триумф во најпрестижниот европски клупски турнир со Манчестер Сити.
Двата тима имаат своја историја во натпреварувањето, третпат во последните четири сезони се среќаваат во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Минатата година Реал Мадрид драматично ги елиминираше своите ривали откако најпрвин загуби со 3:4 на „Етихад“, а во реваншот на Бернабеу имаше негатива од 0:1 до 90. минута, но двата гола на Родриго го одведоа натпреварот во продолжение, каде Карим Бензема реализираше од пенал за конечни 3:1. Сепак, во сезоната 2019/2020 „граѓаните“ го совладаа Реал Мадрид во осминафиналето по две победи со по 2:1.
Кралскиот клуб веќе елиминира два англиски тима во ова натпеварување – Ливерпул и Челзи, а сигурно ќе сака да додаде и трет на списокот.
Реал Мадрид оди во натпреварот со позитивна атмосфера откако го освои Купот на Кралот викендов, победувајќи ја Осасуна со 2:1.
Во Ла Лига, Реал Мадрид немаат шанси да го достигнат лидерот Барселона и сега логично ќе ги вложат сите сили на натпреварите со Манчестер Сити. Карло Анчелоти нема да може да ги користи повредениот Ферланд Менди и Едер Милитао, кој е суспендиран. Очекувано на напаѓачките позиции шпанскиот гигант ќе се потпре на триото Родриго, Бензема и Винисиус кои се во одлична форма.
Манчестер Сити, од друга страна, е во извонредна форма во моментов и забележа неверојатна серија од 10 последователни првенствени победи и 20 последователни натпревари во сите натпреварувања без пораз, последен пат тимот загуби со 1:0 од Тотенхем на 5 февруари. Машината на Гвардиола ги има сите шанси за тројна круна, води на табелата во Премиер лигата, а го очекува натпреварот од Лигата на шампионите и финалето на ФА Купот против градскиот ривал Манчестер Јунајтед.
Манчестер Сити во досегашната елиминациска фаза на турнирот совлада два германски тима – РБ Лајпциг и Баерн (Минхен). „Граѓаните“ немаат особени кадровски проблеми, само Нејтан Аке е неизвесен за натпреварот во Мадрид. За Англичаните голем адут ќе биде феноменалниот Ерлинг Халанд, кој ги собори сите можни голгетерски рекорди во текот на сезоната, а поддршка најверојатно ќе му дадат Бернардо Силва и Џек Грилиш.
Можни состави:
Реал Мадрид: Куртоа, Карвахал, Рудигер, Алаба, Камавинга, Модриќ, Крос, Валверде, Родриго, Бензема и Винисиус Жуниор.
Манчестер Сити: Едерсон, Волкер, Стоунс, Рубен Диас, Аканжи, Де Бруин, Родри, Гундоган, Бернардо Силва, Халанд и Грилиш.
Судија: Артур Диас (Португалија)
Стадион: „Сантијаго Бернабеу“