Реал Мадрид ќе се обиде да го ангажира напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ, јавуваат Кадена Сер и Калчомеркато.
На „Сантијаго Бернабеу“ им треба нов играч од екстра класа кој ќе го предводи нивниот напад по заминувањето на Карим Бензема и се насочија кон српскиот интернационалец. Интересно, Шпанците ќе се обидат да го земат фудбалерот на позајмица со опција за откуп.
Реал Мадрид беа насочени кон други напаѓачи како Хари Кејн, Килијан Мбапе и Виктор Осимен. Сепак, секој од нив ќе чини повеќе од 100 милиони евра, а Реал Мадрид во моментов не е подготвен да плати толкава сума. Токму поради тоа клубот дошол на идеја да го позајми Влаховиќ.
23-годишниот фудбалер вреди околу 90 милиони евра, но се очекува Реал да понуди меѓу 15 и 20 милиони за да го земе на позајмица на една година, задржувајќи ја опцијата да ги откупи неговите права следното лето. Слична опција би можеле да прифатат и газдите на Јувентус, кои се обидуваат да го намалат буџетот откако не играат во Лигата на шампионите и Лигата на Европа и се обидуваат да се разделат со некои од своите високо платени играчи.
Иако не одигра многу импресивна сезона, Влаховиќ и понатаму е атрактивен на трансфер пазарот. Тој е млад и допрва треба да го открие својот целосен потенцијал. Минатата сезона заврши со 14 гола на 42 натпревари во сите натпреварувања.