Сè е подготвено за 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, кој ќе се одржи в недела, 4 октомври. Годинава манифестацијата поставува нов рекорд со 15.050 пријавени учесници од 63 земји.
Покрај македонските тркачи, најбројни се учесниците од Србија, Германија, Велика Британија и Турција, а на стартот ќе има и голем број елитни натпреварувачи.
Учесниците ќе се натпреваруваат во четири дисциплини – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка.
За организацијата ќе се грижат голем број луѓе, меѓу кои и околу 500 волонтери, кои ќе бидат распоредени долж патеките. Организаторите очекуваат Скопје повторно да биде во знакот на спортот, трчањето и позитивната атмосфера.
Од градските власти упатија повик до граѓаните да излезат и да ги бодрат учесниците, а целокупната организација е насочена кон безбедно одржување на настанот.
Рекордниот број учесници го потврдува и меѓународниот карактер на Скопскиот маратон.

