Македонската фудбалска репрезентација се враќа со еден освоен бод од гостувањето кај Грузија во мечот од 2. коло во новиот циклус на УЕФА Лигата на нации. Во израмнет меч кој се играше по исклучително тежок терен, Грузијците ја искористија својата прва шанса и по пеналот кој го направи Алиоски уште во 13. минута од пенал со голот на Окриашвили дојдоа до предност од 1:0.
Момците на селекторот Ангеловски стиснаа заби, возвратија и во 33. минута по една одлична акција, Пандев асистираше за Стефан Ристовски кој успеа да погоди за израмнување на 1:1.
Во вториот дел продолжи израмнетата битка, но Македонија во 64. минута остана со играч помалку, откако директен црвен картон доби Висар Муслиу. До крајот домашните имаа уште две зрели шанси за победа, но онаа клучната во 94. минута нашиот голман Дамјан Шишковски успеа да ја скроти и да ни обезбеди бод од ова гостување.
Во вториот меч од нашата група, Ерменија ја совлада Естонија со 2:0.

