Македонската репрезентација утре ја очекува петтиот квалификациски меч во групата за пласман на ЕП 2020. На попладневниот тренинг во Израел, нашите фудбалери ги споделија своите очекувања од утрешниот дуел.
Дефанзивецот Кире Ристевски, вели дека ќе треба да внимаваме во одбраната, но во никој случај нема да се браниме.
„Ние како играчи сме спремни и ќего дадеме максимумот. Се надеваме на позитивен резултат иако нема да биде лесно. Израелците имаат исклучително добар напад. Правевме анализи и ќе правиме вечерва, ќе ги анализираме добро и ќе се обидеме да ги запреме. Ние ќе си ја играме нашата игра, тоа е темпо кое го наметнува и селекторот. Навистина сакаме да играме и сигурно ќе нападнеме и нема да се браниме“, изјави Ристевски.
„Отсуството на Пандев сигурно ќе се почувствува, но ние не се откажуваме. Не е исто кога тој игра, и кога не е тука со нас. Кој и да го замени ќе мора да даде над 100% од себе. Со она издание против Полска мислам дека можеме да победиме. Оној меч со Австрија не сакам да го коментирам, бидејќи тогаш се беше лошо. Со оној менталитет од дуелот со Полска може да очекуваме победа. Вечерва ќе го анализираме противникот, имаат некои промени, но ние треба најпрво да се фокусираме на нашата игра. Со карактер и менталитет на победници, треба да ја добиеме средбата“, изјави Александар Трајковски, кој утре би можел да биде и стартер во нашиот тим.
