Македонските репрезентативци во убава атмосфера го очекуваат мечот со Италија, а тоа на прес-конференцијата го пренесе и капитенот Стефан Ристовски кој истакна дека очекува тежок натпревар во кој Макеоднија нема да се предаде и ќе се обиде да се надигрува со Италија.
„Горд сум што сум тука и што сум предводник на оваа генерација. Се чувствувам исполнето и еве дојде овој ден кога и ние ќе играме бараж за Мундијал. Не постои посебен мотив од натпревар против европскиот првак. Се надевам дека ќе му го честитаме утрешниот роденден на селекторот и ќе ја израдуваме нацијата. Не би издвојувал индивидуални фудбалери во италијанскиот табор, нив колективот ги донесе на европскиот врв. Тоа е нивната сила. Располагаат со голема конкуренција, првенството им дозволува да имаат таков избор. Знаеме што носат Бонучи и Кјелини кога играат. Верувам дека нашите напаѓачи ќе можат да го искористат нивното неиграње. Секој фудбалер од мали нозе сонува да игра за својата селекција и еве на нас е таа одговорност“, рече Стефан Ристовски.