Македонија дојде до првите три бода во новата сезона од Лигата на нации, но жешкото време не беше единствената пречка за нашата репрезентација да одигра уште подобро против Ерменија.
Лошата состојба на теренот дополнително ја отежна работата на нашите репрезентативци, а незадоволство по завршувањето на средбата беше големо кај Стефан Ристовски кој рече дека тој и неговите соиграчи не заслужуваат да бидат пречекани на ваков терен.
„Сакам да им честитам на момците, овие три бода се златни за нас. Ова го кажувам затоа што знам дека фудбалски не изгледаше најубаво, но навистина условите за игра беа многу тешки. Сакам да упатам апел дека ваков терен не смееме да си дозволиме да имаме. Ние сме Македонија и имаме амбиции да играме на Европско првенство. Според мене изгледот и состојбата беа срамотни. Со недели сме затворени во карантин за да дадеме сè од себе за македонскиот дрес и не заслужуваме ваков пречек. Поради тоа ова е повеќе од победа, им честитам на моите соиграчи“, рече Стефан Ристовски по натпреварот.