Тами Абрахам може да се врати во Челзи по две години минати во главниот град на Италија во тимот на Рома. Англискиот напаѓач има клаузула која му овозможува на Челзи да го врати на „Стемфорд Бриџ“ за сума од 80 милиони евра.
Во Рим се подготвени да ја продадат англиската ѕвезда, со оглед на тоа што оваа сезона тој не постигнува редовно голови како пред една година. Но, двата клуба, Рома и Челзи, размислуваат и за една сензационална размена во летниот преоден рок.
„Волчицата“ е подготвена да го испрати Абрахам во Лондон, но во замена го посакува потписот на Ромелу Лукаку, бидејќи белгискиот напаѓач нема да остане во Интер, каде што е позајмен од Челзи.
Calciomercato објави дека двата тима имале првични разговори и оваа размена би можела да биде финализирана во текот на летото.