Кристијано Роналдо ќе го пропушти вториот натпревар по ред за Ал-Наср, овој пат против Ал-Итихад денес во знак на протест против начинот на кој Саудискиот јавен инвестициски фонд (PIF) се однесува кон клубовите во рамките на Саудиската професионална лига, која издаде и соопштение.
Роналдо верува дека ривалските клубови се фаворизирани, особено во однос на трансферите, додека неговиот Ал-Наср е во неповолна позиција.
На неговата одлука реагираше и официјалното раководство на Саудиската професионална лига, кое во соопштение нагласи дека сите клубови работат според исти правила.
„Саудиската професионална лига се базира на едноставен принцип: секој клуб работи независно, според истите правила. Клубовите имаат свои одбори, директори и спортски менаџмент. Одлуките за засилувањата, трошоците и стратегијата ги носат тие, во рамките на финансиска рамка дизајнирана да обезбеди одржливост и конкурентска рамнотежа. Оваа рамка се однесува подеднакво на целата лига“, се вели во соопштението.
Понатаму се истакнува дека Роналдо е целосно посветен на Ал-Наср уште од неговото доаѓање, но дека ниту еден поединец, без оглед на статусот, не може да донесува одлуки надвор од рамките на својот клуб.

