Седумкратниот француски шампион Олимпик Лион го објави назначувањето на Руди Гарсија за нов тренер на тимот.
Тој го зазема местото на Силвињо, кој беше ослободен пред една недела заради лошите резултати. Договорот на Гарсија е до крајот на сезоната 2020/21.
До вчера, фаворит за функцијата беше француската легенда Лорен Блан, но според информациите во текот на викендот, Гарсија ја импресионирал управата со својата презентација на својот проект за работата на клубот. Сопствениците на клубот претходно го поканија Жозе Мурињо, но тој одби. Името на Арсен Венгер исто така се споменуваше.
Гарсија последен пат работеше скоро три сезони во Олимпик Марсеј, кој го напушти на крајот на мај. Во својата кариера ги водеше Сент Етијен, Дижон, Ле Ман, Лил и италијанскиот гигант Рома. Негов најголем успех е титулата со Лил во 2011 година.