Репрезентацијата на Русија нема да учествува во ждрепката за квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2024 година. Веста ја потврдија од УЕФА и од прес-службата на Рускиот фудбалски сојуз (РФС).
„Репрезентацијата на Русија нема да учествува во ждрепката за квалификацискиот циклус на ЕП 2024 година, што ќе се одржи на 9 октомври во Франкфурт на Мајна“, соопшти прес-службата на УЕФА.
Причината е одлуката на УЕФА во февруари да го суспендира учеството на руските тимови на клупски и национални турнири под покровителство на УЕФА и тоа важи и понатаму откако во Лозана беше одбиена жалбата на Русија во јули. Рускиот фудбалски сојуз го чека целосниот текст на одлуката на CAS, врз основа на која ќе биде донесена одлука за понатамошни чекори во рамките на правната заштита.

Ждрепката за групната фаза на квалификацискиот турнир ќе се одржи во Франкфурт на Мајна, Германија на 9 октомври. Самиот турнир ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули 2024 година во 10 градови – Берлин, Келн, Минхен, Франкфурт на Мајна, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и Дизелдорф. На турнирот ќе учествуваат 24 екипи.