Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, кој поради позитивен тест на Ковид-19 ја пропушти победата над Лестер синоќа, имал негативен тест вчера и ќе продолжи со тренинзите со соиграчите во Ливерпул. Ова го изјави менаџерот Јирген Клоп на прес-конференцијата по натпреварот.
„Добив информација дека неговиот последен тест е негативен. Сега влегуваме во нормален режим со него. Во понеделник ќе се одржи тест од УЕФА, по што тој може да продолжи со тренинзи. Всушност, во следните два дена ќе има два теста”, рече Клоп.
Клоп додаде дека играчот за врска Наби Кеита има повреда на тетивата по мечот со Лестер. Тој беше заменет во 53-та минута од Неко Вилијамс.

