Нуно Еспирито Санто е многу блиску до отказ од Ал Итихад по инцидентот што го имаше со Карим Бензема. Поранешниот тренер на Порто и Вулверхемптон минатата година го презеде Ал Итихад само седум месеци откако беше отпуштен од Тотенхем.
Веднаш му ја донесе титулата на својот нов клуб, прва по 2009 година и почна да доведува големи засилувања. Така во клубот пристигнаа Н’Голо Канте, Карим Бензема и Жота, но почетокот на сезоната не беше баш најдобар за нив.
Ал Итихад оствари само две победи од првите девет натпревари, а клупата на Еспирито Санто почна да се „тресе“. Последната вест за инцидент меѓу него и Бензема, веќе ги засили гласините за негово заминување од клупата.
Ал Итихад губеше со 1:0 на полувремето од ирачкиот тим Ал Кув Ал Џавија во Азиската Лига на шампиони. Откако Нуно Еспирито Санто го одржа својот говор на полувремето, на Бензема не му се допаднало она што го слушнал. Тој решил да реагира бурно и го навредил својот тренер, а со истата мерка вратил и Нуно Еспирито Санто.

