Маурицио Сари ќе потпише 3-годишен договор со Јувентус следната недела, откако ќе обезбеди чисти документи и разделба со Челзи, пишуваат медиумите на Островот.
Стратегот на Челзи стана цел број 1 на „Старата Дама“ по разделбата со Масимилиано Алегри, а и самиот тренер смета дека е подобро да се врати на Апенините по тешката сезона во западен Лондон.
Весникот „Гардијан“ објави дека агентот на Сари, Фали Рамадани вчера се сретнал со претставниците на Челзи и конечно го организирал заминувањето на тренерот. Официјалното соопштение ќе биде следната недела.
Се уште не е јасно дали Јувентус ќе плати обештетување за тренерот, и покрај гласините дека тоа ќе се случи. 60-годишниот тренер веќе го ослободи својот дом во Лондон, што е јасен доказ дека се сели во Италија.
Под раководство на Маурицио Сари Челзи ја освои Лига Европа и заврши трет во првенството, но стилот на игра не им се допаѓаше особено на навивачите, што доведе до тензии уште во средината на сезоната и веројатно уште тогаш Сари одлучил дека треба да си замине.