Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Маурицио Сари, не може да поверува дека неговиот тим вчера прими три гола за само 5 минути на теренот на Милан и остана со празни раце.
Домаќините од 62 до 67 минута направија пресврт и поведоа со 3-2. До крајот на мечот, Јуве не успеа да се врати а „росонерите“ со четвртиот гол ја потврдија победата.
„Мислам дека 60 минути игравме фудбал од светска класа. Ние тотално ја контролиравме играта и во еден момент се чинеше дека ќе победиме. Сега навистина нема логика да ги коментираме настаните. Мора да извлечеме поука и да се насочиме кон наредните мечеви“ – вели тренерот на „старата дама“.