Денеска цела Македонија ќе биде со нашите фудбалери во еден од клучните натпревари во квалификациите за пласман на СП 2022. Во Скопје за првпат во историјата ни гостува големата Германија, која во март оваа година успеавме да ја изненадиме и победиме на гостински терен со 2:1.
Едно од имињата кои многу добро го познава германскиот фудбал, затоа што најголемиот дел од кариерата ја мина во германските клубови, нашиот екс-репрезентативец Саша Ќириќ, деновиве е домаќин на многу свои пријатели од Германија кои специјално се дојдени во Скопје да го следат денешниот дуел. Во разговор за Спортското радио 90.3 фм, Чириќ вели:
„Деновиве имам многу гости, пријатели, кои се тука да го следат мечот. Веќе имам две групи од околу 30-тина луѓе кои се дојдени овде и деновиве ги користат да прошетаат малку и да посетат повеќе места во Македонија. Повеќето се Германци, но имам и наши луѓе кои живеат во Германија, но дојдоа тука да го следат мечот“.
Во Скопје меѓу неговите гости требаше да бидат и две прославени имиња, но поради Ковид-ситуацијата тие го одложиле доаѓањето.
„Од големите фудбалски ѕвезди требаше да дојдат Феликс Магат и Јирген Колер. И двајцата најавија дека ќе дојдат, но не можеа да дојдат поради Ковид-19 ситуацијата. Имам многу други пријатели од фудбалскиот свет кои ќе бидат тука, поранешни соиграчи и останати вљубеници во фудбалот“.
Кога го прашавме за прогноза и негово очекување за денешниот дуел, Ќириќ ни рече:
„Мене ме интересира победа, навистина сакам да победиме. Неблагодарно е да се прогнозира, па за мене најважно е да излеземе и да одиграме најдобро што можеме, зошто не и да ги победиме повторно“.
Комплетниот разговор следедете го денеска на програмата на Спортското радио 90.3 фм.