Саудиската професионална лига е подготвена да финансира евентуален трансфер на Мохамед Салах доколку ѕвездата на Ливерпул одлучи да го напушти „Енфилд“ и да ја продолжи кариерата на Блискиот Исток, објавуваат „Телеграф“ и „Мирор“.
Интересот за египетскиот напаѓач не е ништо ново, откако од Ливерпул одбија понуда од 150 милиони фунти од Ал Итихад во 2023 година. Имаше обиди да се привлече и минатото лето, кога Салах влегуваше во последната година од неговиот претходен договор.
Во април оваа година, 33-годишникот потпиша нов двегодишен договор, но неговите перформанси оваа сезона беа далеку од очекуваните, а Арне Слот дури го изостави и од почетната постава во последните два натпревари.
Оваа ситуација повторно генерираше оптимизам кај водечките фактори во саудискиот фудбал, кои гледаат шанса нивната лига да привлече уште една мегаѕвезда, особено Салах, кој е играч со огромна популарност и влијание во арапскиот свет. Таквиот договор би бил близок по обем со трансферот на Кристијано Роналдо, поради што раководството на лигата е подготвено да ја финансира операцијата, без оглед на тоа во кој конкретен клуб би се упатил Египќанецот.

