Отказот на Оле Гунар Солскјер се очекува да доведе до сериозни шпекулации за негова замена на „Олд Трафорд“. Во медиумите веќе се појавија еденкуп имиња на тренери кои евентуално би можеле да го заземат испразнетото место, меѓу кои Маурисио Покетино, Зинедин Зидан, Лоран Блан, Ерик тен Хаг, Брендон Роџерс и Стив Брус. Сепак, според информациите на „Индепендент“, сопствениците на „црвените ѓаволи“ размислуваат за друга опција, а тоа е тренерот на Атлетико Мадрид – Диего Симеоне.
Во оваа фаза се верува дека Маурисио Покетино е првиот избор на челниците од „Олд Трафорд“. Сепак, Симеоне има и свои поддржувачи, а за неговото назначување најмногу лобира потпретседателот Ед Вудворд.
51-годишниот Симеоне има многу сериозно тренерско минато, откако веќе постигна многу успеси на чело на Атлетико Мадрид. Двапати ја освои титулата во Ла Лига, еднаш го освои Купот и еднаш шпанскиот Суперкуп, двапати триумфираше во Лига Европа, освои два европски Суперкупа, а исто така ги предводеше своите фудбалери до две финалиња во Лигата на шампионите.
Аргентинецот има договор со Атлетико до 2024 година. Досега имаше многу случаи во кои неговото име се поврзуваше со различни тимови, но Симеоне покажа голема лојалност кон Атлетико Мадрид и остана на кормилото на тимот цели 10 години. Затоа во моментов шансата да се прифати евентуална понуда од „Олд Трафорд“ изгледа сосема мала.

