Селекторот на Македонија, Гоце Седлоски, пред натпреварот со Шкотска порача дека процесот на подмладување на репрезентацијата ќе продолжи, и покрај двата порази од Швајцарија и Словенија.
„Поразите на првите два меча не ни годат. Критиките нека одат кај мене, а јас во договор со федерацијата ќе продолжам со подмладување. Сакаме да создадеме нови играчи. На тој процес останувам до крај“, изјави Седлоски.
Тој додаде дека Македонија се натпреварува во силната Лига Б, каде националните селекции се на високо ниво, но верува дека со време новата генерација може да донесе подобри резултати.
„Не може сè преку ноќ. Ќе направам сè овие момци да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна“, порача селекторот.
Натпреварот Македонија – Шкотска се игра в сабота од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Главен судија ќе биде Французинот Франсоа Летексје.

