Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Луцерн, каде утре од 20:45 часот ја очекува нов дуел со Швајцарија во Лигата на нациите.
Селекторот Гоце Седлоски признава дека Швајцарците се големи фаворити, но најави дека Македонија ќе се обиде да го поправи впечатокот од поразот во Скопје.
„Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакам со колективна игра да ги поправиме грешките од првиот меч“, порача Седлоски.
Селекторот потврди дека сите репрезентативци се здрави, а најави и промени во составот поради згуснатиот распоред. Во конкуренција за настап е и Езџан Алиоски, кој се враќа по проблемите со листот.

