Македонската фудбалска репрезентација утре на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ја започнува новата сезона во Лигата на нации, со дуел против силната Швајцарија. Селекторот Гоце Седлоски е задоволен од работата на фудбалерите на тренинзите и очекува максимален ангажман во натпреварот.
„За овие неколку тренинзи на кои сите играчи одработија максимално, сум презадоволен. Сите играчи знаат што треба да се работи на терен. Играме против силна селекција како Швајцарија, но против секого мора да се бориме. Верувам дека со помош на публиката ќе направиме се за да стигнеме до поволен резултат.
Точно е дека Швајцарија игра без неколку квалитетни играчи, но тие имаат голем и квалитетен ростер. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата игра, да влеземе максимално подготвени. Овој меч ќе биде голема мотивација и предизвик за сите нас“, вели Седлоски.

