Екипата на Вардар доживеа убедлив пораз (5-0) од Лозана и ги заврши европските настапи во 2. коло од квалификациите во Конференциската лига на УЕФА.
Тренерот Гоце Седлоски на прес-конференцијата по мечот призна дека неговиот тим потфрли во сите сегменти.
“Честитки за Лозана, тие одат понатаму заслужено, а ние го завршуваме европскиот пат. Тежок пораз за мене, за тимот, за клубот, за навивачите. Ќе мораме да се кренеме, затоа што сезоната во Македонија штотуку почнува. Што се однесува до овој тежок пораз, ќе го анализираме детално, но мислам дека се распаднавме по првиот примен гол. Не успеавме да се вратиме, не стоевме вистински на теренот и поразот беше неминовен. Тоа противник како Лозана не го простува”, изјави тренерот на Вардар, Седлоски.

