Mакедонските репрезентативци Енис Барди и Александар Трајковски, како и селекторот на фудбалската репрезентација Благоја Милевски, ќе добијат дипломатски пасоши од Министерството за надворешни работи, на денешниот брифинг соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Денес во Министерството за надворешни работи на Трајковски, Барди и селекторот Милевски ќе им бидат врачени дипломатски пасоши. Тие сега се наши најважни амбасадори и заслужуваат дипломатски пасош. Се надевам ќе продолжат да нè радуваат и во натпреварот со Португалија“, изјави министерот Бујар Османи.
Двајцата фудбалери и селекторот своите дипломатски пасоши ќе ги добијат по брза постапка и веќе од денес ќе ги имаат во своите раце.
Македонија одигра херојски натпревар против Италија во Палермо и со голот токму на Трајковски се избори за финален дуел за пласман на Светското првенство против Португалија, кое ќе го игра во Порто на стадионот „Драгао“ во вторник на 29.март со почеток во 20.45 часот.
На фотографијата Директорот на Спортско радио 90,3 ФМ , Тони Митев со Селекторот Милевски и нашите репрезентативци Барди и Трајковски.