Пред одигрувањето на последното 38 коло од Серија А, раководството на лигата го објавија изборот на најдобрите играчи во секоја линија од теренот. Досега објавија кои се добитниците на пет МВП признанија, а останува уште главното, за најкорисен играч на сезоната кое веројатно ќе зависи од идниот шампион, дали ќе биде од Интер или од Милан.
За најдобар голман во лигата е избран Мајк Мењон. Голманот на Милан беше одличен, имаше најмногу натпревари без примен гол (16) иако беше повреден и не бранеше цела сезона. Во одбраната за најдобар е избран Глеисон Бремер од Торино. Бразилецот одигра фантастична сезона, на многу натпревари беше најдобар играч на својата екипа.
За најкорисен играч на средината на теренот е одбран Марсело Брозовиќ. Хрватот е еден од најстабилните и најконстантни играчи на Интер, па одново не треба да изненадува ова признание. Најдобар напаѓач е прогласен Чиро Имобиле, кој ќе ја заврши сезоната како играч со најмногу погодоци. Признанието за најдобар до 23 години го понесе Виктор Осимен кој беше носител на играта на Наполи кој долго време од сезоната се бореше за титулата. Сега останува да се одреди МВП на сезоната, а во потесен избор веројатно се вклучени Рафаел Леао од Милан, како и Лаутаро Мартинез и можеби Николо Барела од Интер, сепак изборот ќе зависи од тоа кој ќе ја освои титулата.

