Претседателот на италијанскиот фудбалски сојуз Габриеле Гравина изјави дека новата полуавтоматска технологија за офсајд се очекува да биде воведена во Серија А во јануари, веднаш по нејзиното деби на Светското првенство во Катар.
Тоа треба да даде брз сигнал до судиите за прекршување на правилата и ќе помогне да се избегне една од најконтроверзните ситуации во светот на фудбалот.
„Експериментот ќе започне на денот кога технологијата ќе биде завршена. Се надевам дека ова ќе се случи на четврти јануари по завршувањето на Светското првенство“, коментира Гравина.
Имаше неколку контроверзни одлуки оваа сезона во Серија А кои предизвикаа бурни реакции, а последната беше на натпреварот меѓу Јувентус и Салернитана, кога на „Старата дама“ и беше поништен гол поради офсајд бидејќи VAR немаа камера за да го покажат Антонио Кандрева со што голот ќе беше регуларен, а Јувентус ќе беше победник.