Нерешениот резултат против Атлетико Мадрид (2:2) дополнително ја оддалечи Барселона од титулата и тренерот на тимот Кике Сетиен не криеше дека задачата за неговата екипа станала уште покомплицирана. Сепак, тој беше задоволен од играта на дуелот со Атлетико Мадрид.
„Штета е што не победивме бидејќи сега потешко да се надеваме дека ќе станеме шампиони. Губењето поени ги намали нашите шанси за првото место, но мора да продолжиме да работиме. Атлетико е добар тим, со одлични играчи. Тие се многу стабилна екипа, не оставаат слободен простор за игра. Јас сум целосно задоволен од нашата игра. Ние ја контролиравме топката подолго период од натпреварот. Тимот вложи многу напор против исклучително дисциплиниран противник”, изјави Сетиен.
На прашањето дали е мирен за својата позиција, тренерот рече дека ја чувствува поддршката на тимот, а исто така одби да коментира дали имало средба меѓу него и раководството на клубот. Барселона е на второто место на табелата со 70 бода, а лидерот Реал Мадрид има 71 пред утрешниот натпревар против Хетафе.