Крилниот играч на Севиља Сусо ќе остане во екипата на Јулиен Лопатеги. До сега играше на „Рамон Санчез Писхуан“ со позајмица од Милан, но постои посебна клаузула во неговиот договор што го обврзува клубот од Андалузија да го купи доколку се квалификуваат во Лигата на шампиони.
Овој услов е исполнет вчера, откако Виљареал загуби од Реал Сосиедад и нема шанси за 4-то место во Ла Лига. Според шпанските медиуми, Севиља ќе плати околу 24 милиони евра за Сусо. 26-годишниот играч пристигна во тимот во јануари и досега има одиграно 18 натпревари во кои постигна 1 гол и 2 асистенции.
Сусо помина 5 години во тимот на Милан по неговиот трансфер од Ливерпул за скромни 1,3 милиони евра, а успеа да го освои со „росонерите“ – Суперкупот на Италија. Во овој период, тој исто така имаше позајмица во Џенова. Во Шпанија, покрај Севиља, Сусо играше и за Алмерија.