Бенџамин Шешко, кој е на прагот на трансфер во Манчестер Јунајтед, веќе е во Англија и денес треба да помине задолжителни медицински прегледи, јавуваат британските медиуми. Раководството на РБ Лајпциг и англискиот гигант веќе го финализираа договорот за 22-годишниот напаѓач од Словенија.
Според информациите од Островот, Јунајтед ќе му исплати на германскиот клуб сума од 76,5 милиони евра, на кои може да се додадат уште 8,5 милиони евра во форма на бонуси, кои зависат од перформансите на играчот. Неговиот договор со „црвените ѓаволи“ ќе трае пет години, а неговата официјална презентација се очекува да се одржи утре (сабота).
Дејли Меил, повикувајќи се на извори во Словенија, објавува дека напаѓачот ќе добива неделна плата од 160.000 фунти, која би можела да се искачи на 200.000 фунти доколку Манчестер Јунајтед обезбеди учество во Лигата на шампионите. Како дел од трансферот, договорен е и пријателски натпревар помеѓу РБ Лајпциг и англискиот тим, кој ќе се игра на „Ред Бул Арена“.

