Фудбалерите на Шкендија по елиминацијата од квалификациите во Лигата на шампионите сега ги очекува настапот во второто коло во Лигата на Европа. Тетовци утре на Арената во Скопје ќе го пречекаат Дуделанж кој исто така испадна од елиминациите во елитната конкуренција. Тренерот, Чатип Османи, верува дека неговите играчи ја научиле лекцијата.
„Најзначајно беше да се врати позитивната атмосфера. Најголемата грешка ја направивме сами, имавме погрешен пристап. За новиот предизвик кој следи ќе има промени во составот и во пристапот на играта. На мечот со Дуделанж сигурен стартер ќе биде новото засилување, Бразилецот Фелипе“ – вели Османи. Капитенот на Шкендија, Арменд Алими, очекува далеку подобро издание против екипата од Луксембург.
„Свесни сме дека згрешивме и сега имаме можност да го поправиме тоа и да се вратиме на победничкиот колосек. Лани Дуделанж ја мина Легија и играше во група во Лига Европа“ – изјави Алими пред утрешниот дуел кој ќе започне од 17.55 во Скопје. Реваншот ќе биде одигран по девет денови во Луксембург.