Македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов официјално е нов играч на германскиот фудбалски тим Штутгарт.
Нашиот млад 19-годишен играч потпиша договор со Штутгарт, каде доаѓа од редовите на Келн. Чурлинов не доби минутажа во првиот тим на Келн и затоа сакаше да се пресели во екипа која ќе му даде многу повеќе простор за развивање и настап. Дарко Чурлинов и Штутгарт потпишаа договор до јуни, 2024 година.
„Навистина сум среќен што сум тука и 100 % сум мотивиран да дадам се од себе за Штутгарт. Се надевам дека можам да му помогнам на тимот во борбата за пласман во првата бундеслига каде што треба да биде. Одлично сум примен во клубот уште од првиот момент и со нетрпение чекам да го запознаам целиот тим уште подобро“ истакна Чурлинов при неговата промоција.
Во редовите на поранешниот бундеслигаш тој ќе го носи дресот со број 19. Дарко Чурлинов веќе подого време е во Германија каде настапуваше за Ханза Рошток и Магдебург, додека во Македонија играше за екипите на Вардар, Работнички и Форца.