Силекс е тимот кој најмногу профитираше од недобиената лиценца на Вардар за настап во Европа, па тие ќе играат во квалификациите за Лигата на шампионите. Оваа одлука денес ја донесе Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Вардар беше лидер, но поради финансиски проблеми нема да игра во Европа. Нивното место ќе го добие кратовски Силекс, кој ќе има и добра финансиска заработка од настапите во еврокуповите. Доколку не го поминат првото коло во Лигата на шампионите, Силекс ќе патува во квалификациите за Лига Европа, што значи дека го чекаат најмалку два европски натпревари.
Во квалификациите за Лигата на Европа, нашата земја ќе ја преставуваатШкендија, Ренова и Шкупи. Шкупи го доби местото во Европа пред Македонија ЃП, според актуелната табела. Меѓусебните дуели се бројат само на завршено првенство во целост.
„Поради прекин на Куп натпреварувањето и неможноста да се добие победник во Купот на Македонија, правото на Куп победникот за натпреварување во Лига на Европа, согласно УЕФА правилата, се пренесува на последователното најдобро рангираната екипа во првенството која не остварила пласман за УЕФА. Комисијата за натпреварување констатираше, а Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот дека последователно најдобро рангирана екипа во првенството по одиграно 23 коло на замрзнатата табела од ПМФЛ е петто пласираната екипа, односно екипата на Шкупи, која се стекнува со право на настап во Лига на Европа“, се вели во соопштението на Фудбалската федерација на Македонија.