Вечерва ќе биде одигран последниот голем меч во 2023 година на тениските терени, барем на индивидуален план. Италијанскиот тенисер Јаник Синер ќе го предизвика најдобриот и во оваа година Новак Ѓоковиќ за трофејот на завршниот Мастерс кој се игра во Торино.
Во 18:00 часот во „Пала Алпитур“ ќе започне финалниот натпревар, во кој домашниот тенисер со помош на публиката ќе се обиде вторпат да го изненади најдобриот на светот. Италијанецот во групната фаза успеа да го добие маратонот со Ѓоковиќ во три сета. Два од нив се играа во тај-брејк, а првиот беше во дванаесеттиот гем, меѓутоа уште тогаш Синер покажа колку е мотивиран на првото учество на завршниот турнир.
Сепак, сосема очекувано меѓусебните бројки се на страната на Ѓоковиќ. Србинот четири пати досега го има победено Синер, во Австралија, Монако и две години во низа на Вимблдон. Иако покажа ранливост во Торино и ќе игра против силно мотивиран протовник, сепак Новак е во одлична форма тоа го покажа синоќа против Алкараз па затоа е фаворит за нов трофеј со кој ќе стане рекордер на турнирот.