Откако беа одиграни последните натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите познати се сите учесници во 1/8 финалето на ова натпреварување.
Интересено е тоа што сите 16 екипи кои ја минаа групната фаза доаѓаат од петте најсилни национални првенства: Ла Лига, Премиер лига, Бундеслига, Серија А и Лига 1.
ПСЖ, Манчестер Сити, Баерн Минхен , Јувентус, Ливерпул, Барселона, РБ Лајпциг и Валенсија се победници на групите, а Реал Мадрид, Тотенхем, Аталанта, Атлетико Мадрид, Наполи, Борусија Дортмунд, Олимпик Лион и Челзи како второпласирани се најдоа во 1/8 финалето.
Ова значи дека Англија и Шпанија имаат по четири, а Италија и Германија по три претставници, а за Франција останатите две места во нокаут фазата на Лигата на шампионите. Првите натпревари од осминафинале се играат на 18, 19, 25 и 26 февруари, а реванш натпреварите се закажани за 10, 11, 17 и 18 март.
Понеделник (16 декември) во 12:00 часот е денот кога ќе биде направена полудиригирана ждрепка и ќе бидат познати осминафиналните парови во Лигата на шампионите. Кога ќе се погледне списокот на екипи кои ќе играат во 1/8 финалето, се гледа и сликата на она што го сакаат големите клубови, вака би иззгледала и онаа Суперлига која ја бараат богатите клубови.
Утеха во елиминациите на Лигата на Европа добија Клуб Бриж, Олимпијакос, Баер Леверкузен, Салцбург, Интер, Бенфика, Ајакс и Шахтјор.

