По вчерашната објава на шкотски Хартс дека постигнале договор со Роџерс Мато за слободен трансфер во летниот преоден рок, Вардар демонстративно испорача соопштение во текот на денешниот ден, појаснувајќи дека луѓето од управата постигнале договор за продажба со Канзас Сити и дека фудбалерот од Уганда ќе игра во МЛС лигата.
Угледниот „Скај Спортс“ реши да ги исконтактира луѓето на шкотскиот и американскиот клуб. Познатиот британски медиум оваа вечер излезе со своја ексклузива и го демантираше денешното соопштение на Вардар, споделувајќи и изјава од портпаролот на Хартс, како и официјален став од Канзас Сити.
„Имаме потпишан договор со фудбалерот и целосно сме опуштени во врска со оваа ситуација“, порачал портпаролот на Хартс за „Скај Спортс“.
Реномираниот медиум исто така стигнал и до првите луѓе на американскиот клуб, па така од Канзас потврдиле дека биле сериозно заинтересирани за Мато, но решиле да се откажат откако сфатиле дека тој потпишал преддоговор со друг клуб, во случајот шкотски Хартс.

