Од 7 до 9 октомври македонската метропола ќе биде домаќин на гости од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина – новинари, медиумски личности, познати спортисти, актери, пејачи и други јавни личности. Централниот ден на големата спортско-медиумска ревија е 8 октомври. Одбројувањето започна!
За само неколку дена Скопје повторно ќе биде центар на едно од најдолговечните спортско-медиумски дружења во земјава и регионот – 34. Меѓународна спортско-медиумска ревија „Турнир на медиуми 2026“, која ќе се одржи од 7 до 9 октомври. Она што пред повеќе од три децении започна како фудбалско дружење на медиумските работници, денес е многу повеќе од натпревар и резултат.
34 ГОДИНИ НÈ ПОВРЗУВАШЕ ФУДБАЛОТ. ДЕНЕС ГИ ПОВРЗУВАМЕ ЛУЃЕТО.
Токму под ова мото годинава во Скопје ќе пристигнат гости од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Новинари и познати медиумски лица, поранешни и актуелни спортисти и спортски работници, актери, музичари и други личности од јавниот живот ќе бидат дел од тридневната програма во која спортот повторно ќе биде причината за средбата, но дружењето и поврзувањето на луѓето ќе бидат нејзината суштина. Посебно внимание годинава ќе привлече и македонската селекција. Организаторот подготвува внимателно одбран состав од наши колеги од медиумите, познати спортски имиња и други јавни личности кои ќе ја сочинуваат македонската екипа и ќе бидат домаќини на пријателите од регионот. А атрактивни состави се очекуваат и од гостите. Најавено е учество на звучни имиња од медиумите, спортот и јавниот живот од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а дел од нив ќе ги откриваме во деновите што следуваат. Фудбалот, секако, останува заштитен знак на Турнирот. Годинава ќе биде надополнет со ревијални и забавни спортски предизвици во кои резултатот ќе биде помалку важен од атмосферата на теренот. Но програмата не завршува со спортот.
Една од посебните содржини ќе биде и панелот „Спортот во ерата на вештачката интелигенција: етика, здравје и извонредност“, кој ќе отвори една од најактуелните теми на денешницата – како вештачката интелигенција и новите технологии го менуваат спортот. 8 октомври ќе биде централниот ден на годинашната манифестација, кога на едно место ќе се сретнат најголемиот дел од учесниците и гостите од четирите земји. Организаторите деновиве ги финализираат последните детали околу програмата, составите и пристигнувањето на гостите, а имињата што ќе ја сочинуваат македонската селекција, како и најзвучните гости од регионот, ќе ги откриваме постепено во следните денови. Едно е сигурно – по 34 години, приказната продолжува.
Од 7 до 9 октомври повторно се гледаме во Скопје. Спорт. Медиуми. Пријателства. Четири земји. Една приказна.

