Виз Ер Скопски маратон во своето јубилејно 20то издание, ќе има рекорден број љубители на трчањето. На стартот во недела се очекува да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји, кои ќе ги исполнат улиците на главниот град со позитивна енергија и ќе ја потсетат јавноста дека навистина, – трчањето може да те промени.
Покрај традиционалната маратонска трка (42.195 км), на Виз Ер Скопски маратон како и секоја година ќе се трча и полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, како и трката за рекреативци на 5км, како најмасовната трка од сите.
„Од името на министерството можам да изразам едно задоволство што оваа година ќе бидеме дел од Скопскиот маратон. Не знам како било во минатото, но можам да кажам дека овој маратон ќе ја има поддршката, бидејќи гради исти вредности што ние сакаме да ги вметнеме во нашата држава. Иако се работи за рекреативен настан, она што нас како министерство ни е од интерес е што врзувате многу луѓе и има многу учесници. Негуваме исти вредности по кои сака да се води и Министерствто за спорт и да бидеме пример во општеството и можам јавно да кажам дека маратонот ја има нашата целосна поддршка. Се надевам дека и годинашниот маратон ќе биде успешен како и сите досегашни и стоиме на располагање за сѐ она што можеме да го помогнеме.“ изјави Министерот за спорт, Борко Ристовски.

