Тренерот на Ливерпул, Арне Слот ги сподели своите очекувања во пресрет на претстојниот дуел со Милан во Лигата на шампионите. Холанѓанецот истакна дека неговиот тим ја почитува класата на Милан, но нема страв пред важниот натпревар.
„Мислам дека ниту еден менаџер или тим не се плаши да игра против другиот, но ние го почитуваме квалитетот на играчите и историјата на Милан“, прокоментира Слот.
Тој истакна дека и покрај силата на италијанскиот тим, Ливерпул е подготвен затоа што имаат самодоверба и мотивација.
Милан, кој е во добра форма по убедливата победа од 4:0 во претходниот натпревар, ќе биде тежок противник, но Слот истакна дека Ливерпул не им приоѓа на своите противници со страв, туку со почит.
„Тие имаат квалитетни играчи, но ние не се плашиме, само ги почитуваме. Ова е клучен натпревар за нас. Ова е голем натпревар за мене и за нас. Секој следен натпревар е најважен, но поради историјата што ја имаат овие два клуба и местото на одигрување, ние со нетрпение го очекуваме овој натпревар“ изјави Слот.
Очекувањата за пресметката помеѓу Ливерпул и Милан се големи, а двата тима се надеваат дека со победа ќе ја започнат својата сезона во Лигата на шампионите.

