Фудбалската репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз во новата сезона од Лигата на нации, откако загуби со 2:0 на гостувањето против Словенија, во натпреварот од Б-сегментот.
По првото полувреме немаше голови, но домаќините во продолжението ги искористија своите шанси и ги освоија трите бода.
Селекторот Гоце Седлоски направи дури осум промени во почетниот состав во однос на дуелот со Швајцарија, а дебитантски настап забележа Марио Младеновски. Македонија имаше свои можности преку Елези, но Словенците уште во раната фаза ја погодија рамката од голот на Димитриевски.
Резултатот беше отворен во 55. минута, кога Ловриќ со удар мртов агол, по блокот на Мелиќи, ја затресе мрежата на Димитриевски. Селекторот Седлоски веднаш реагираше со измени, а во игра влегоа Барди и Малески, кој го забележа првиот настап во националниот тим.
Македонија се обиде да стигне до израмнување, а најголемите можности ги имаа Лука Станковски и Стојчевски, чиј удар заврши во корнер по блокот на домашната одбрана.
Казната за неискористените шанси стигна во завршницата, кога Матко по брза транзиција го совлада Димитриевски и ги постави конечните 2:0 за Словенија.
Македонија во третото коло ќе ја пречека Шкотска, во сабота со почеток од 20:45 часот, во обид да се врати на победничките патеки.

