Сојузот на спортови на Скопје денеска ги врачи наградите „13 Ноември“ за најдобрите спортисти во главниот град. Според остварувањата од тековната година, за Спортист на Скопје за 2022 година е прогласен каратистот Петар Спасеновски, за освоено трето место на Европско првенство за сениори во Газиантеп, Турција, категорија до 84 килограми.

Признанието „13 Ноември“ замина и во рацете на карате клубот Макпетрол, кој имаше богата и успешна година, додека наградата за животно дело му припадна на Димче Јанковски, тренер во карате и член на карате сојузот веќе 50 години.
Милорад Стојмановски, новинар со три децениско искуство, главно во печатените медиуми ја доби наградата за спортски новинар. Катерина Шиповиќ, ултра маратонка, прва македонска атлетичарка која истрча 256 километри од Атина до Спарта на Спартатлон во Грција, една од нај тешките ултра маратонски трки во светот ја доби наградата за Спортски подвиг на годината.