Илина Соколовска, успеа да ги освои потребните бодови и ја носи Македонија на Светско првенство во ритмичка гимнастика, кое ќе се одржи во август во Франкфурт, Германија.

Таа пред неколку дена настапи на Европското првенство во ритмичка гимнастика во Варна, Бугарија, натпревар, кој е клучен за квалификации за Светско. Соколовска живее со семејството во Германија и одамна е дел од Бундес лигата, но, посебно среќна ја прават настапите за Македонија, бидејќи, како што вели, пасошот и знамето и се од Македонија.

„Јас два месеци претстојував во Баку, Азербејџан на подготовки. За време на тренинг кампот учествував на AGF Trophy World Cup, кој се одржа од 17 до 19 април, како и на European CUP на 3 мај. Премногу сум благодарна на Љупчо Арнаудов, претседателот на ФГСРМ, кој ми овозможи да бидам на тренинг камп во Азербејџан. Јас навистина не знам каков спор има Министерството за спорт и федерацијата за гимнастика и како спортист тоа и не треба да ме интересира. Но, не можам а да не гледам кога за се што е потребно за мене да ја претставувам Македонија на европски и светски натпревари моите родители ги покриваат сите трошоци“ – вели Илина која со гордост ја претставува Македонија.

