Менаџерот на Манчестер Јунајтед Оле Гунар Солскјер откри дека неговиот план за натпреварот со Пари Сен Жермен од 1/8-финалето во Лигата на Шампионите беше токму таков каков што се случи.
Тој призна дека немал намера неговиот тим да се надиграва со ПСЖ, а сакал да ги задржи шанси до последните минути, кога ќе го нанесе својот удар.
„Отсекогаш сме верувале дека можеме да продолжиме понатаму. Планот не вклучуваше идеја да се надигруваме со ПСЖ, бидејќи ако дадеш премногу простор на овој тим, тој може да те казни. Видовте што се случи неколку пати во првото полувреме, кога направивме некои грешки во одбраната. Планот ни беше да останеме во игра до послединте минути и тој функционираше”, изјави Солскјер.
Норвежанецот сепак повторно не даде категоричен одговор дали ќе продолжи да го води тимот и наредната сезона.
„Продолжувам да ја вршам мојата работа најдобро што можам и ќе видиме што ќе се случи. Имам фантастични моменти со играчите и тимот. Ќе продолжам да уживам во оваа работа додека ја имам. Има уште два или три месеци и ќе продолжам да работам со насмевка. Веќе имам некои убави спомени, и тоа е најважното нешто. Неверојатно е да се биде тренер и да прославуваш со играчите. Соблекувалната денес изгледаше премногу убаво. Тука беше целиот клуб со сопствениците, поранешните играчи и поранешните менаџери”, рече тренерот на Манчестер Јунајтед.