Церемонијата на отворањето на Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе се одржи на 11 јуни на стадионот „Ацтека“ во мексиканската престолнина Сиудад де Мексико, додека финалето ќе се игра на 19 јули во Њујорк на стадионот што го користат НФЛ тимовите Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс, објави ФИФА.
Ова ќе биде третпат отворањето и првиот натпревар на Мундијалите да се одржи на легендарниот стадион кој може да прими 83.264 гледачи. Стадионот „Ацтека“ беше сцена на отворањето на светските првенства во 1970 и 1986 година.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, а домаќини на натпреварите ќе бидат 11 американски градови (Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл ), три мексикански града (Сиудад Мексико, Гвадалахара, Монтереј) и два канадски града (Торонто, Ванкувер). На Мундијалот за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации кои ќе бидат поделени во 12 групи по четири селекции.