Фудбалската репрезентација на Италија синоќа го доживеа првиот пораз од јуни, па досега. Избраниците на Лучијано Спалети загубија на домашен терен од Франција (1:3) во натпреварот од 6. коло на Лигата на нации, што беше прв пораз за Италија во последните 6 натпревари. Пред ова тимот имаше 4 победи и едно реми.
Селекторот Лучијано Спалети го оцени поразот од францускиот тим како лошо претставување на целиот тим.
„Веднаш примивме гол, а потоа не можевме да останеме смирени и потрошивме многу енергија. Откако постигнавме гол и резултатот стана 1:2, се чинеше дека ќе се снајдеме, но потоа повторно примивме гол. Не одигравме како што требаше. Не го одигравме доволно добро додавањето и им дозволивме на противниците да покриваат зони, па моравме да избереме потешки опции во играта“, рече селекторот на италијанската репрезентација.

