Македонската одбојкарска репрезентација попладнево во Будимпешта од 17:45 часот ги започнува квалификациските натпревари за пласман на европското првенство во 2019 година. Прв ривал ни е домашната селекција, Унгарија, со која ги отвораме квалификациите во групата „Ф“, каде денеска се игра и вториот дуел меѓу Украина и Швајцарија (18 ч.).
„Ова е историска шанса за нас да оствариме огромен успех и да се пласираме на Европското првенство. Повеќе од 13 години сум дел од националниот тим и сметам дека е вистинскиот момент за успех на интернационалната сцена. Не чека тешка квалификациска група. Не сакаме да си создаваме некој посебен притисок, но и на натпреварот против Унгарија одиме да се надигруваме и да го покажеме нашиот квалитет“, вели капитенот на тимот, Никола Ѓорѓиев.
По стартниот натпревар против Унгарија, Македонија во сабота ја пречекува Украина (18. август), додека четири дена подоцна игра дома против Швајцарија (22. август). Августовскиот циклус го заокружува со гостувањето против Швајцарија (25. август).

