Тешко повредениот лев бек на италијанската репрезентација Леонардо Спинацола објави дека ќе биде на стадионот „Вембли“ во Лондон за финалето на Евро 2020, во кое „азурите“ ќе се соочат со Англија.
28-годишниот играч на Рома беше еден од најдобрите играчи на Европското првенство, но се здоби со повреда на Ахиловата тетива во победата од 2:1 против Белгија во четвртфиналето и ќе паузира најмалку половина година.
„Утре ќе бидам во Лондон со соиграчите“, изјави Спинацола за РАИ 1. „Неверојатно е возбудливо, момците ја направија мојата вечер прекрасна. Ние сме прекрасна екипа и навистина се чувствуваме како едно семејство“, продолжи левиот бек и додаде:
„Пред нас е многу тежок натпревар, ќе играме на нивниот стадион, но јас ќе бидам на трибините со патерици. Ако победи Италија, ќе мора да скокам и да славам со сите. Докторите постојано ми велат да внимавам, па ќе скокнам на едната нога“, рече Спинацола.

