Дербито на 3. коло во ПМФЛ викендов е во Скопје каде Работнички ќе го пречека тимот на Струга ТЛ. И двата тима во првите две кола се непоразени, со тоа што шампионот на ова гостување кај Работнички доаѓа со серија од две победи без примен гол.
Во пресрет на дуелот, тренерот на „романтичарите“, Горан Станиќ вели дека без разлика и на негативниот биланс со Струга, тој искрено очекува прекин на таа лоша серија.
„Сите натпревари во нашата лига се тешки и многу значајни. Се сретнуваме со екипа која две години по ред е шампион и има многу квалитетен состав. Но, ние си ја гледаме нашата работа. Се подготвуваме како и за секој меч, подготвени сме да го дадеме нашиот максумим, па ќе видиме што ќе се случи. Ќе се обидеме да ја урнеме таа лоша статистика со Струга, ги знаеме нашите квалитет, ќе го дадеме максимимот и очекувам позитивен резултат. Мене ми е најбитно играчите да го реализираат сето она што го подготвуваме за овој меч. Здравствениот биланс е добар и комплетни го очекуваме мечот“, вели Станиќ.
Дуелот меѓу Работнички и Струга ТЛ е на програмата в недела од 16 часот на Националната Арена во Скопје. Главен судија на средбата ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци.

