Во пресрет на големото градско дерби со Вардар, тренерот на Работнички, Горан Станиќ во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм зборуваше за очекувањата од неделната пресметка со еден од главните ривали и во трката за опстанок во елитата.
„Од наша страна можеме да кажеме дека засега се оди според планот. Работиме во одлична атмосфера и се подготвуваме за дербито. За Вардар знаеме како започна сезоната, во каква ситуација беше и каде е сега. Ние почнавме добро со поинакви аспирации од она каде сме сега. Верувам во моите фудбалери и одиме на победа. Ова не е преголем оптимизам, навистина го мислам тоа, затоа што имаме квалитет да се натпреваруваме со која било екипа. Тоа го докажавме и досега во шампионатот, дека ниту една екипа не може да биде сигурна во кој било меч. Првенствово е едно од поинтересните, кога ќе го помислам на минатите првенства во Македонија. Навистина од борбата за титулата и за излезв во Европа до борба за опстанок, сите екипи се со израмнет квалитет. Да ги поканиме сите љубители на фудбалот од Скопје, нека дојдат, нека поминат убаво време. Се надеваме дека има многу голови, добра игра, многу шанси, возбудувања“, вели тренерот на „Херојот од Дебар Маало“, во интервјуто за Спортското радио 90.3 фм.
Разговорот може да го проследите и на следниот ЛИНК